Google планира да се врати на цензурираниот кинески пазар. Според мислењето на многу вработени во американскиот интернет концерн, тоа е спротивно на сопствените етички правила. Тие упатија протестно писмо.
Тоа не би било првпат вработените да ги спречат плановите на интернет-гигантот Google. По протестите на вработените, Google неодамна мораше да се откаже од соработката со американската војска за проект за беспилотни летала.
Сега пак, преку 1000 вработени во американската компанија потпишаа протесно писмо поради тајниот план на раководството на фирмата за изработка на пребарувач кој е во согласност со строгите кинески правила за цензура.
Вработените во писмото ги повикаа директорите на Google да ги разгледат прашањата за етика и транспарентност во компанијата.
Во писмото се наведува дека вработените не добиваат информации кои им се потребни за донесување етички одлуки во врска со работата, и изразуваат незадоволство поради тоа што поголем број вработени од медиумите дознале за овој проект, чие име е Драгонфлај (Dragonfly).
Содржината на писмото ја потврди неименуван вработен во Google кој го организирал потпишувањето.
Слично писмо потпишаа илјадници вработени во Google, протестирајќи против проектот Мејвен (Maven), договор со американската војска кој компанијата во јуни реши да не го обнови.
Извор: Дојче Веле