Апликацијата WhatsApp ќе почне да им го наплаќа на компаниите праќањето на маркетиншки и кориснички пораки. Потегот следува откако социјалната мрежа се соочи со забавување на растот на приходите.

Потегот ќе му овозможи на Facebook, сопственикот на WhatsApp, да заработи од оваа социјална мрежа. Компаниите преку платформата ќе можат да даваат информации и услуги, како што се датуми за испорака или разни пропусници. За возврат, компаниите ќе мораат да платат надомест за потврдената испорака.

Пораките ќе чинат меѓу 0,5 и 9 центи, зависно од тоа во која земја се наоѓа корисникот. Тие може да бидат автоматизирани или испратени од страна на корисничка служба. Наведената цена покажува дека употребата на тие можности во некои случаи ќе биде поскапа од испраќање на СМС порака.

Како и другите пораки испратени преку таа апликација, така и овие ќе бидат шифрирани, што значи дека WhatsApp нема да може да ги чита. Вкупно три милиони компании активно го користат WhatsApp, а неколку гиганти, како туристичкиот сервис Booking, веќе ги прифатија новите услови.

Facebook плати 19 милијарди долари за да ја купи WhatsApp во 2014 година, а веќе подолго време бара начин како да заработи од таа апликација во време кога му се зголемуваат трошоците поради подобрувањето на приватноста и решавањето на проблемите со зависноста на корисниците од социјални мрежи.

Имено, Facebook најави дека на корисниците ќе им понуди алатка со која ќе можат да организираат колку време во денот ќе минат користејќи ја апликацијата и прегледувајќи фотографии на Instagram и дека ќе добиваат известување кога ќе ја надминат временската граница на користење која сами ќе ја дефинираат.

Извор: Jutarnji.hr