Новиот TDI агрегат ќе има две турбини и електричен компресор. Се подготвува и нов автоматски менувач DSG 10

Со оглед на се што следеше по мега скандалот Dieselgate, сите веројатно очекуваат Volkswagen кога тогаш целосно да се откаже од дизел моторите. Но тоа не е баш така.

Инженерскиот тим од Волфсбург за 2020 година подготвува сосема нов 2-литарски дизел мотор, кој е најавен како три-турбо TDI. Со помош на два турбополначи и електричен компресор, моторот со зафатнина од 1968 кубици ќе развива 272 коњски сили, односно точно 200 kW.

На овој начин, неговата специфична моќ е неверојатни 138,2 КС по литар волумен, што е повеќе од моторот во BMW 750d xDrive (133,6 КС / л).

Покрај моќноста, новиот мотор, исто така, ќе има и врвен вртежен момент од 550 Nm, за што ќе биде задолжен наведениот електричен компресор.

Се разбира, овие перформанси нема негативно да влијаат на еколошкиот „печат“, бидејќи ќе ги задоволат ригорозните еколошки стандарди на стандардот EURO 6d, кој ќе стапи на сила во 2021 година.

Освен новиот дизел мотор, Volkswagen AG со ZF ја развива и следната генерација на автоматскиот менувач DSG со двојна спојка. Новата автоматика ќе има десет, наместо сегашните седум степени на пренос, а ќе може да поднесе вртежен момент до 600 Nm.

DSG 10 ќе ги задржи димензиите на моделот со седум степени, така што ќе може да се вградува во сите модели со попречно поставен мотор, од VW Polo до Skoda Superb. Новиот менувач ќе обезбеди подобри перформанси, помала потрошувачка на гориво и емисии.

И двете иновации ќе почнат да бидат вградувани во моделите од групата Volkswagen во втората половина на 2020 година.

Извор: Додај Гас