Иако официјално Мобилниот Конгрес во Барселона почна денес, веќе има огромен број на објавени телефони, а Alcatel се потруди да не заостане со објавувањето на нови модели. Компанијата ги објави Alcatel 1s, Alcatel 3 и Alcatel 3L кои припаѓаат на средната класа, но Alcatel се потруди да им даде цена од буџет класата.

Alcatel 1S

Alcatel 1s е најслабиот од трите модели, го користи Spreadtrum SC9863 процесорот, има 3GB RAM, 32GB внатрешна меморија, лежиште за microSD картичка, екран со дијагонала од 5.5 инчи, сензор за отпечаток на прст, како и батерија со капацитет од 3060mAh. На задната страна има две камери, едната е со сензор од 13MP а другата со сензор од 2MP. На предната страна има една камера од 5MP. Телефонот се очекува да биде достапен во Европа во втората четвртина од годината (април-јуни) по цена од 109 евра.

Alcatel 3L

Следен на листата е Alcatel 3L кој го користи Snapdragon 429 процесорот, а има само 2GB RAM. Телефонот има екран со дијагонала од 5.94 инчи со мал засек за предната камера која има сензор од 8MP. И кај овој модел на задната страна се наоѓаат две камери (13MP и 5MP). Телефонот има само 16GB внатрешна меморија, лежиште за мемориска картичка, приклучок за слушалки, сензор за отпечаток на прст и батерија со капацитет од 3500mAh. Телефонот би требало да биде достапен по цена од 139 евра.

Alcatel 3

Најдобриот модел од овие три телефони е Alcatel 3. Телефонот го користи Snapdragon 439 процесорот и има повеќе меморија. Има две варијанти: 32GB/3GB RAM и 64GB/4GB RAM. Цената за моделот со 3GB RAM ќе биде 159 евра, додека за моделот со 4GB RAM ќе треба да се одвои 189 евра.