Twitter покрена борба против лажните и сомнителни налози на својот сервис, односно таканаречени ботови и тролови и во текот на претходните месеци беа избришани неколку милиони налози.

Целта на акцијата е намалување на дезинформациите, а брзината со која налозите се отстрануваат е двојно поголема во однос на октомври лани, кога под притисок на американскиот Конгрес од Twitter открија дека Русија користела лажни налози во текот на американските претседателски избори.

Од извори блиски на Twitter стигнала информација дека на укинувањето на толкавиот број на лажни профили ѝ претходеле бурни интерни кавги, пишува „Вашингтон пост“.

Во текот на мај и јуни се отстранети повеќе од 70 милиони налози, а чистењето со исто темпо продолжило и во јули.

Компанијата истовремено ја искористила приликата и да се отараси од налози кои спамуваат ретвитови за да промовира поискрена интеракција меѓу корисниците.