Honda произведе нова косилка која е побрза од повеќето автомобили во сериско производство.

Компанијата најави дека ќе проба (повторно) да го постави рекордот за најбрза косилка во светот и од компанијата најавија дека нивниот нов модел би требало да вози со брзина од 240 км/ч.

Honda го држеше рекордот за најбрза косилка на светот со просечна брзина од 190 км/ч на права патека со нивниот модел Mean Mower. Овој модел имаше максимална брзина од 210 км/ч а можеше да коси трева на брзина од 25 километри на час.

Но, една норвешка компанија произведе косилка која го сруши нивниот рекорд, развивајќи брзина од 215 км/ч во 2015 година. Ако имате барем малку познавање од политиките на автомобилските компании, знаете дека тие не ги поднесуваат баш најпријатно вестите дека некој нивен рекорд е срушен, па поради тоа Honda реши да произведе нов, побрз модел на косилка наречен Mean Mower V2.

Mean Mower V2 има мотор од 999 кубици изваден од CBR100RR Fireblade SP моторцикл кој произведува 190 коњски сили и 13.000 вртежи во минута. Од Honda најавија дека моторот на новиот модел произведува двојно повеќе сила од претходниот, па затоа Mean Mower V2 забрзува од 0 до 100 км/ч за помалку од 3 секунди.

Засега останува непознато со која брзина Honda Mean Mower V2 ќе може да коси трева, но сигурно е дека оваа косилка е показател на тоа до каде се спремни да одат големите компании со цел да бидат на врвот.