Директорот на автомобилскиот гигант „Ауди“, Руперт Штадлер, е уапсен во Германија. Тој е приведен во рамките на истрагата за аферата за прикривање на емисијата на штетни гасови од возилата, наречена „Дизелгејт“.

„Можеме да потврдиме дека Штадлер е уапсен утрово. Постапката за носење одлука дали ќе остане во притвор или не сè уште е во тек“, изјави портпаролот на „Фолксваген“, кој побара да се почитува пресумцијата на невиност. Веста доаѓа една недела по извршениот претрес во приватната резиденција на Стадлер за да се обезбедат докази за поддршка на истрагата за обвиненија за измама.

Обвинителството во Минхен информира дека обвинетиот се појавил пред истражен судија, кој наредил да биде притворен. Обвинителите тврдат дека „Ауди“ од 2009 година досега во САД и Европа продал најмалку 210.000 автомобили со дизел-мотор опремени со софтвер што не дава точни податоци и ги испитуваат наводите за измама и нелегално промовирање производ изминатава година.

На почетокот на февруари обвинителите извршија претрес во седиштето на „Ауди“ во Инголштад и канцелариите во фабриката „Некарсулм“ во јужна Германија. Досега, единственото лице што официјално е обвинето е поранешниот шеф на одделот за развој на моторот на „Ауди“ и член на извршниот одбор на „Порше“. Човекот, кој не е именуван според германското право за приватност, се наоѓа во притвор од неговото апсење во септември.

Скандалот со мамење за количината издувни гасови првин избувна во Групацијата „Фолксваген“ во септември 2015 година кога компанијата призна дека направила измама со стандардите за загадување во повеќе од 11 милиони дизел-возила што биле продадени во целиот свет.