Можностите на Fluent Design System ќе бидат слични на Material Design на Google

Microsoft на конференцијата Build го претстави Fluent Design System – нов интерфејс, односно сосема нов изглед што ќе го добие Windows 10 во есенската надградба. Претходно познат по кодното име Project Neon, Fluent Design System кој постапно во барем два, а веројатно во пет продолженија ќе биде надградуван во Windows 10 претставува поголем исчекор во корисничиот интерфејс и начинот на кој ќе го користиме Windows отколку што беше своевремениот напредок од Windows 3.Х на Windows 95.

Fluent Design System доаѓа на местото на Metro. Компанијата долго го користеше ова име, но поради спор со германски ланец на маркети, мораше да се откаже. Можностите на Fluent Design System ќе бидат слични на Material Design на Google. Ќе бидат опфатени: светлина, длабочина, движење, материјал и размер.

На страницата на Fluent,  Microsoft има едноставни упатства како може да се користат дел од овие функционалности. Светлината на пример е начин на кој може да се привлече вниманието на корисниците. Длабочината овозможува искористување на односот помеѓу објектите и интерфејсот. Движењето треба да ја прикаже поврзаноста помеѓу елементите. Материјалите им додаваат „физички” карактеристики на елементите на интерфејсот како замрзнатиот  „акрилен” изглед, додека размерот (скалирање) е можноста на апликациите да се преобликуваат и да бидат со различни димензии во зависност од тоа на кој уред се изведуваат (десктоп, лаптоп, таблет, телефон итн..

Системот ќе функционира на повеќе платформи. Од телефони, таблет компјутери, десктоп компјутери, конзоли за игри, па сѐ до виртуелната реалност. Повеќе за Fluent Design System можете да прочитате на официјалната страница на Microsoft.