Во иднина се повеќе паметни телефони ќе имаат сензор за отпечатоци на прсти имплементиран под екранот, па така корисниците само ќе треба да го постават прстот на долниот дел од екранот за отклучување на телефонот.
Apple одлучи да го замени овој сензор со Face ID технологијата, а останатите компании кои што претставија телефони со екрани кои што ја зафаќаат речиси целата предна површина од телефонот, сензорот го сместија на задната страна од телефонот.
Сепак, според аналитичарите, во иднина можеме да очекуваме дека се повеќе телефони на пазарот ќе пристигнат со нов начин на имплементација на сензорот за отпечатоци на прсти – на сличен начин како што тоа го направи Vivo кај моделот X20 Plus UD и Huawei во својот Porsche Design Mate RS.
Сензорот за отпечатоци на прсти кај овие телефони е имплементиран под екранот, па за отклучување е доволно само да го поставите прстот на долниот дел од екранот на паметниот телефон.
Според предвидувањата на “IHS”, идната година на пазарот би требало да пристигнат над 100 милиони паметни телефони кои што на овој начин ќе го имаат имплементирано сензорот за отпечатоци на прсти, додека оваа година се очекува таа бројка да биде скромни 9 милиони паметни телефони.
Новите модели со ваквата технологија ги очекуваме веќе во втората половина од оваа година, додека во 2019. година повеќето од паметните телефони ќе имаат сензори за отпечатоци на прсти сместени под екраните.
Поврзани артикли