Основачот на „Фејсбук“, Марк Закерберг, вчера, на вториот ден од сведочењето пред американскиот Конгрес поради скандалот со украдените податоци на корисниците на оваа социјална мрежа, рече дека и неговите податоци биле загрозени. Тој откри дека и неговите лични податоци биле меѓу информациите што биле продадени, како што рече, на малициозни трети страни. Закерберг рече и дека неизбежно ќе дојде до регулатива во индустријата на социјалните медиуми.

На првиот ден од сведочењето Закерберг рече дека направил грешка и дека му е жал што „Фејсбук“ не успеал да ги заштити своите корисници и нивната приватност. Во воведната реченица за скандалот со фирмата за анализа на податоци „Кембриџ аналитика“ тој рече рече дека сега е јасно дека не направиле доволно за да спречат социјалната мрежа да се користи и во лоши цели.

Неодамна во јавноста беше откриено дека британската фирма „Кембриџ аналитика“ на незаконски начин собрала податоци на 50 милиони корисници на „Фејсбук“ непосредно пред изборите за претседател во САД во 2016 година за да влијае на избирачите со пласирање лажни вести.