Дали бевте свесни и како дозволивте „Кембриџ аналитика“ да ги користи податоците од корисниците на вашата социјална мрежа? Дали и зошто дозволивте тоа да се случува? Очигледно е дека сте биле свесен дека постојат злоупотреби, но не сте реагирале.

Ова се само дел од прашањата што членови на Конгресот на САД му ги поставија на првиот човек на Facebook, Марк Цукерберг на неговото прво сослушување по повод скандалот поврзан со злоупотребата на податоците од повеќе од 87 милиони корисници на социјалната мрежа.

Конгресмените бараат од Цукерберг да објасни дали консултантската куќа „Кембриџ аналитика“ направила пробив во безбедносните системи на Facebook. Исто така, тој е фатен во тесно за тоа што Facebook, откако дознал за злоупотребата на податоците, не ги известиле корисниците.

Цукерберг истакна дека Facebook недоволно реагирал во случајот со компанијата „Кембриџ аналитика“, односно дека сега, кога би можел да го врати времето, тие би реагирале поинаку.

За потсетување, Facebook се соочува со жестоки критики откако беше објавено дека управата на компанијата со години знаела дека консултантската компанија Cambridge Analytica собира и користи податоци од околу 87 милиони корисници.

Тие податоци се користени за време на предизборната кампања за претседателските избори одржани во 2016 година.

Исто така, Цукерберг истакна дека неодамна биле избришани околу 10.000 лажни профили кои се користени во политички цели, вклучувајќи го и руското влијание на минатите американски претседателски избори.

Цукерберг одговараше и на прашањата зошто не се реагирало во заштитата на приватноста.

Според неговите тврдења, често станува збор за своевидна војна која се води меѓу вештачката интелигенција во рамките на Facebook и апликациите, профилот и оние кои ги купуваат податоците и имаат лоши намери. Тоа е случај, како што вели Закерберг, бидејќи луѓето не можат да следат толкава количина на податоци, односно дека во целиот тој процес мора да биде вклучена вештачката интелигенција.

Интересен момент од сведочењето, беше прашањето на еден од сенаторите околу тоа дали Закерберг сака да им открие во кој хотел моментално престојува, на што директорот на Facebook одговори со „не“.

Во продолжение можете да го проследите целото сослушување на Марк Вукерберг од Конгресот на САД.