Милиони луѓе ширум светот, посебно во развиените земји живеат сами. Поради тоа, истражувачите во Јужна Кореја го развија роботот Fribo кој им помага на луѓето да ја пребродат осаменоста.

Многумина ја обвинуваат технологијата за растот на бројот на самците, но Корејците сакаа да докажат дека технологијата може да помогне и во спојувањето на луѓето. Имено, роботот Fribo е дизајниран да ги охрабрува луѓето почесто да се повикуваат едни со други или да разменуваат пораки.

За разлика од другите куќно роботи, Fribo не е креиран да биде социјален, туку има намера да ги социјализира другите. Како што тоа го замислија Корејците, Fribo би требало да биде сместен во домовите на пријателите, креирајќи виртуелен животен простор кој ги собира психички изолираните поединци.

На пример, Fribo со помош на сензори и микрофони препознава разни активности како влегување во домот, вклучување на светло или отворање на фрижидер. Информациите за овие активности потоа анонимно се делат со другите пријатели. На овој начин, пријателите од групата помеѓу себе можат да реагираат на активностите, да го поздравуваат оној што ќе влезе во куќата, да разговараат и слично.