Во центарот на Виена, на популарната улица Мariahilfer Straße, во наредниов период ќе биде изградена единствена иновативна зграда на шведскиот производител на мебел IKEA, која ќе биде поинаква од сите досегашни IKEA објекти во светот. Виенските архитекти осмислиле посебен надворешен изглед на зградата. На т.н мрежеста фасада ќе се менуваат отворени и затворени елементи, со цел на сите нивоа да можат да се посадат дрвја. На секоја страна, напоредно со осветлениот простор ќе бидат вградени зелени елементи на фасадата. Излозите ќе бидат отворени и светли.

Целта е овој објект да претставува атрактивно место, а истовремено да се испочитува концептот на одржливост. Купувачите и натаму ќе можат да ги видат сите артикли на лице место, но ќе можат да се купуваат само оние производи кои ќе можат да се понесат во метро, на велосипед или пеш, додека сите останати работи ќе се продаваат преку интернет. Причината за ваквиот концепт е во изменетото однесување на потрошувачите и нивната мобилност. Купувачите во Виена сакаат да одат во шопинг, да разгледуваат и избираат, но не сакаат самите да ги носат дома купените производи. Тие преферираат работите да им бидат доставени на домашната адреса. Од овие причини, согласно новиот концепт, за зградата не е предвиден паркинг простор.