Руската вселенска агенција Роскосмос денеска соопшти дека Москва и Пекинг заеднички ќе изградат лунарна вселенска станица, во момент кога Москва заостанува зад Вашингтон и Пекинг во истражувањето на Месечината и Марс.

Меморандумот за изградба на вселенска станица на Месечина е потпишан од директорот на Роскосмос, Дмитриј Рогозин и директорот на кинеската Национална вселенска управа (ЦНСА), Жанг Кеџијан.

Предвидено е лунарната станица да биде дизајнирана како „комплекс на експериментални истражувачки објекти создадени на површината и/или во орбитата на Месечината“.

Таа ќе биде достапна за употреба од други заинтересирани земји и меѓународни партнери, се истакнува во соопштението на Роскосмос, но не се наведува датумот кога треба да биде завршена лунарната станица.

Москва и Вашингтон соработуваат во вселенските истражувања. Русија минатата година го загуби својот монопол за летови со екипаж до Меѓународната вселенска станица по првата успешна мисија на американската компанија Space X.

Space X на Елон Маск планира патување на Месечината, кое ќе биде отворено за неколку лица.

Кина ги изрази своите амбиции во вселената лансирајќи ја минатата година својата сонда Тијанвен-1 што во моментов кружи околу Марс. Кина во декември успешно донесе примероците од Месечината на Земјата, во прва мисија од овој тип во последните 40 години.