Во САД се случи уште една сообраќајна несреќа со смртен исход, во која учествуваше возило со технологија автопилот.

Во сообраќајната незгода на автопатот 101 во Калифорнија почина возач на автомобил од компанијата Tesla, поточно станува збор за Model Х, кога неговиот автомобил удрил во бетонска ограда меѓу двете коловозни ленти.

Во моментот на несреќата, бил вкучен автопилот режимот во возилото, а истрагата треба да утврди зошто дошло до несреќата. Возачот кој почина Волтер Вонг (38), бил вработен како инженер во Apple, а несреќата се случи изминатава недела.

Станува збор за втора жртва на автопилот режимот на Tesla. За потсетување, автопилот системот на Tesla потфрли и на 7 мај 2016 година во автомобилот Model S, кога животот го загуби 40-годишниот Џошуа Браун.

Во првите реакција од компанијата Tesla се тврди дека автопилот режимот бил активиран и дека опцијата која автоматски го регулира растојанието од следното возило била наместена на минимална оддалеченост.

Се додава и дека во последните секунди пред да се случи фаталниот исход, автомобилот на Tesla го предупредил возачот дека треба да го преземе управувањето на возилото од автопилотот.

„Возачот имал околу 5 секунди и 150 метри да реагира, но податоците од компјутерот покажуваат дека тој не преземал никаква активност со која би го спречил судирот“, велат од Tesla.

Од оваа компанија, меѓутоа, не соопштија зошто автопилотот не ја детектирал и не ја избегнал бетонската бариера.

Во меѓувреме властите почнаа истрага во која се вклучени американската Национална агенција за безбедност на патиштата и Националниот совет за безбедност на сообраќајот.

Инаку, незгодата се случила на место каде двете ленти на автопатот се разделуваат, а меѓу нив се наоѓа бетонска ограда.

Оваа несреќа се случи две недели после сообраќајката во Аризона, во која самоуправувачки автомобил на Uber усмрти жена пешак.