Кралот на рокенрол музиката, Елвис Присли, беше познат по неговата љубов за автомобилите Cadillac, кои неретко знаеше да ги подари некому. Наместо некој од многуте модели на Cadillac, неговиот Mercedes-Benz 280SEL беше ставен на продажба.
Автомобилот кој некогаш му припаѓаше на Елвис Присли е произведен во 1971 година и е во совршена состојба.
Mercedes-Benz 280SEL е легендарен модел на германската автомобилска компанија, а автомобилот кој го поседуваше Присли беше ставен на продажба за 139.900 долари, во Сент Луис, Мисури. Возилото ја поседува целата документација која покажува дека Присли е неговиот прв сопственик.
Легендарниот пејач го купи овој Mercedes за 8.764 долари, а ако на таа сума се додаде инфлацијата, тогаш тоа би резултирално во 54.828 долари денеска. Автомобилот уште тогаш поседувал клима уред, кој му бил многу потребен за горештините во Тенеси да бидат подносливи, а има и електрика на прозорците и зачувано оригинално радио од Becker Europe. Првичната боја на автомобилот била црвена, но Елвис решил дека подобро ќе му стои металик сина боја, па го префарбал.
Mercedes произведе само 8.350 примероци од моделот 280SEL и уште 91.051 примерок од моделот 280SE. Автомобилот има 2,8-литарски мотор со 158 коњски сили и менувач со четири брзини.
Откако е купен, автомобилот има поминато 129.000 километри, а по смртта на Елвис Присли тој беше изложен во музејот во Тенеси, каде се наоѓаше до 2016 година.