Програмерите на мобилната апликација на Instagram продолжуваат да бараат начини како да натераат повеќе луѓе да ја користат од компјутери. Instagram е една од најпопуларните комуникациски платформи, но најмногу се користи на паметните телефони.

Се појавија информации дека веќе се почнати тестови за нова функција што овозможува да се испраќаат директни пораки од десктоп верзијата на Instagram. Податоците ги објави Џејн Вонг, која постојано известува за претстојните подобрувања во популарните услуги и апликации.

Според неа, тестовите се во напредна фаза, што значи дека корисниците наскоро ќе можат да го користат Instagram Direct од десктоп компјутер. Сè уште не се знае точно кога може да се очекува премиерно да се појави оваа функција. Колку што знае Вонг, визијата за новиот Instagram Direct ќе наликува на дизајнот на Facebook Messenger. На пример, листата со корисници и пораки што ги испратиле ќе бидат видливи лево, а индивидуалните прозорци за разговор ќе бидат десно, пренесува CNet.