Тардиградите или попознати како „водени мечки“ се микроживотни со осум нозе што може да живеат речиси секаде, во секакви услови. Ги открил германскиот зоолог Јохан Аугуст Гезе во 1773 година.

Најдените  фосили од ова суштетво укажуваат дека постоело пред 500 милиони години.

Водените мечки може да издржат екстремни температури, од -272,8  степени Целзиусови (речиси апсолутна нула), до 148 степени Целзиусови, што е повеќе од точка на вриење на водата.

Повеќето живи суштества не можат да опстанат без вода, но тардиградите може да преживеат и во услови на екстремна суша. Тогаш се собираат во нивната исушена лушпа и во таа состојба може да останат со децении.

Тоа го постигнуваат благодарение на специјалниот протеин што ги штити од дехидратација, што во присуство на вода постои во форма на желатин. Кога овие суштества се лишени од вода, овие протеини се претвораат во стаклеста структура што ја штити чувствителната материја внатре во клетките.

Научниците во 1995 година успеаја да „вратат во живот“ водени мечки што поминале осум години во сушни услови.

На многу ниски температури, овие суштества може да произведат хемикалии што ги штитат нивните витални молекули од студ.

Во 2007 година била лансирана вселенската мисија TARDIS (Tardigrade in Space) што покажала дека водените мечки може да преживеат и во отворена вселена, односно во вселенскиот вакуум.

Тие може да издржат огромен притисок што би ги усмртил повеќето други живи суштества. Може да издржат притисок до 600 мегапаскали, огромна количина на радијација, а содржат и протеин што ги штити од рентгенско зрачење.