Здравствена студија во Велика Британија покажала дека заштитата која ја даваат вакцините „Фајзер“ и „АстраЗенека“ опаѓа против доминантниот делта сој на вирусот во рок од три месеци.

Утврдено е дека оние кои се заразуваат откако ги примиле двете дози претставуваат поголем ризик по останатите луѓе во однос на претходната варијанта на коронавирусот.

Студијата од Универзитетот во Оксфорд била направена врз основа на три милиони примероци земени од нос и грло ширум Британија, а покажала дека 90 дена по втората доза на „Фајзер“ или „АстраЗенека“ ефикасноста на вакцините во спречување на инфекцијата (делта сој) опаѓа на 75 отсто, односно 61 отсто.

Во период од две седмици по втората доза тие проценти изнесуваат 85 и 68. Падот на ефикасноста е поизразен кај лицата постари од 35 години, отколку кај младите.

„И двете вакцини се ефикасни против делта сојот“, изјавила Сара Вокер, професор по медицинска статистика на Универзитетот Оксфорд и водач на истражувањето на вакцината „Фајзер“.

Научниците не можеле да прогнозираат колку заштитата со текот на времето дополнително ќе се намалува, но сугерираат дека ефикасноста од двете вакцини се изедначува во рок од четири до пет месеци.