YouTube ја заостри контролата на објавување на содржини на својот сајт кои можат да се наплаќаат.

Причината е тоа што големите огласувачи и компании сè помалку сакаат нивните реклами да се врзуваат за приватните канали кои имаат непримерна содржина.

Сајтот кој е во сопственост на “Google” објавил дека воведува правило со кое каналите кои можат да наплаќаат реклами мора да имаат најмалку 1000 следбеници и минимум 4 илјади часови прегледан видео материјал во изминатите 12 месеци.

“Целта на ваквите промени е да се намали бројот на оние кои заработуваат преку YouTube со имитација и непримерно однесување, а во истовреме да се продолжи да се наградуваат оние кои со својата работа ја прават нашата платформа толку добра”, истакнал Нил Мохан, еден од челниците на YouTube.

Од компанијата се одлучиле на овој чекор откако големите компании почнале да ги повлекуваат своите пари бидејќи нивните реклами се појавувале на неадекватни видео содржини. Помеѓу нив се нашле и компаниите AT&T, Verizon, McDonald’s и L’Oreal.

Неодамна изби и огромен скандал поврзан со “јутјуберот” Логан Пол поради неговото објавено видео на кое тој снима обесен човек во една јапонска шума. Логан имаше речиси 16 милиони следбеници, но по овој испад тој е целосно отстранет од платформата.