Нова електронска продавница за тргување со стоки за широка потрошувачка е веќе десетина денови активна во македонскиот интернет простор, на адресата Pazar.mk, како заеднички проект со „Зур маркети”

Зад новата платформа стојат фирмата „Пакет маркет”, основана на почетокот од годинава, и трговскиот синџир „Зур маркети”.

Цениме дека „Зур” се маалски маркети и имаат многу добри цени. Воспоставивме односи и соработка и стартуваме заедно во нешто што е ново и за нив и за нас. Во овој период ја тестираме физичката дистрибуција. Некои работи се движат во рамките на очекуваното, некои нè изненадуваат, изјави за InStore Владимир Јосифовски, сопственик на „Пакет маркет”, кој во проектот влегува со искуството стекнато во „Жито полог” и како проект-менаџер на лебот Тонус во „Жито центар”.

Електронската продавница нуди избор од 2.000 производи од десетина категории, територијата на испорака во моментов е градот Скопје и околината, а нарачките се дистрибуираат секој ден од 10 часот наутро до полноќ. За нарачки во вредност поголема од 500 денари, испораката е бесплатна, а за пакети од помал износ, надоместокот е 70 денари.

Плаќањето се врши со платежни картички, во текот на пополнување на нарачката, а рокот на испорака во оваа фаза е од час и половина до два и пол часа (90 до 150 минути) од активирањето на нарачката.