Истакнатиот ветеран на светската хаус, техно и електро сцена, Delta Funktionen од Берлин, вечерва (седми декември) ќе настапи во МКЦ како дел од клубската програма на деветтото издание на фестивалот Desonanz, во соработка со фестивалот Таксират. Desonanz е годишен фестивал кој истражува и експериментира со културните стандарди на мултимедијалната уметност, но и границите на колективната естетика.

Сетовите на Delta Funktionen се легендарни во својата техничка софистицираност и прецизност како и сировата креативна енергија која го движи подиумот низ неговите препознатливо долги сетови. Оваа година Delta Funktionen со неговите настапи ги запали берлинските Tresor и Berghain, ја започна својата резиденција во Shelter Amsterdam и приреди незаборавна журка во клубот Epicentar во Скопје. За своите сетови, Delta Funktionen вели дека раскажува приказна која не води низ непознати градови од иднината исполнета со широка палета на бои и емоции, но и чувство на слобода и забава. Неговата музика е подеднакво технички прецизно изведена и раскошно имагинативна, а дискографијата му брои три албуми и бесконечна низа на плочи.

Приказната на вечерта ќе ја започне Apostolski (Drop Series), чии вешти миксови и еклектичен избор совршено ја загреваат атмосферата, а вечерта, завршен збор ќе има Mitrik (Room 313).

Фестивалот Desonanz ќе продолжи во петок во Македонската филхармонија со концертот на данското експериментално дуо Damien Dubrovnik, кое на скопската публика ќе и приреди уникатно концертно доживување. Damien Dubrovnik (Posh Isolation ::: Copenhagen_DK) е егзотичен и несекојдневен проект на двајца од најпрославените модерни композитори во современата музика и сопствениците на културниот феномен и издавачка куќа Posh Isolation од Копенхаген, Loke Rahbek (Croatian Amor) и Christian Stadsgaard (Vanity Productions). Настапите во живо на Damien Dubrovnik се легендарни не само поради техничката перфекција на звучниот дизајн во нивната музика, туку и по нивните луцидни психосексуални сценски перформанси и неверојатната харизма која ја носат на сцена.

Публиката ќе има можност да го проследи и ексклузивнот проект на македонските етноџез-експериментатори String Forces (во комплетен состав) за Desonanz Festival, специјален аудиовизуелен перформанс насловен „Dig Deeper” односно „Копај Подлабоко”. Овој концерт има за цел да понуди подлабок осврт на опусот на String Forces, со особен акцент на нивните музички експерименти подалеку од поп мејнстримот, како и неколку уникатни, подлабоки и психоделични верзии на препознатливите хитови. Вечерта ќе ја отвори Vedis (Broccoli Music / MK), електроакустичниот проект на Klara kоја вооружена со својот глас и неколку егзотични инструменти ќе ја одведе публиката на магично аудио-визуелно патување.

За петок во МКЦ е најавена вртоглава аудио-визуелна вечер предводена од маскираниот берлински техно/IDM продуцент Headless Horseman – мистична фигура на електронската сцена и највозбудливиот хардверски техно перформанс во моментов на планетата!

Неговите концерти/настапи во живо се врвен доказ за техничката спремност, но и сценографската ексцентричност која Headless Horseman ја поседува во изобилие и ја покажува на камера за Boiler Room Berlin, како и низ настапите во Berghain, Corsica Studios, Razzmatazz, Tresor, Circus Tokyo… Овој перформанс е негово деби во Скопје и дел од светската турнеа на неговиот албум и видео проект „Sanctuary”. (Н.Б.)