Микрочиповите кои се вградуваат во луѓето ќе станат реалност годинава. Имено, микрочипови со големина на зрно ориз ќе бидат вградени под кожата на десетмина волонтери кои планираат да учествуваат во организацијата на технолошкиот фестивал Pause Fest во Мелбурн, Австралија.
Иако овие модели на чипови се уште се во раната фаза на развој и можат да задржат ограничен број на информации, се чини дека ваквата технологија веќе почна да го привлекува интересот на луѓето.
Чиповите за волонтерите на споменатиот фестивал се опремени со NFC технологија, која овозможува безжичен пренос на податоци на мали растојанија. Инаку, технологијата NFC веќе се применува кај паметните телефони, кредитните картички и сл…
Зафатот со кој микрочипот ќе се постави меѓу палецот и показалецот на раката не би требало да боли повеќе од ставање обетка или вадење на крв.
Пред вградувањето, во микрочиповите ќе бидат сочувани податоци во врска со организациските процедури на фестивалот Pause Fest, што треба да се одржи во февруари следната година.
Чиповите се програмирани за да можат да ги отклучат вратите на објектите во кои ќе се наоѓаат волонтерите.
Извор: Newsroom