Не се вели без причина дека и најдобрите грешат. Rolls-Royce навистина погреши, но терминот отповикување овде добива сосема друга тежина. Имено, повлекувањето опфаќа точно два примероци на Phantom, поточно возила произведени од 12 до 14 јули годинава.

Најдоброто нешто за фабриката во целата приказна е што и двата примероци се уште се кај дистрибутерот и не се доставени до клиентите. На овој начин ќе се отстранат сите неправилности уште пред да им бидат испорачани скапите лимузини на новите сопственици.

А неправилноста е поврзана со предните светла. Во почетокот на септември, австриската групација ZKW го информираше Rolls-Royce за проблемите со производството.

Rolls-Royce веднаш спроведе истрага и констатира неусогласеност на возилото. Имено, светлата не се завршени со рефлективен метализиран слој.

Во пракса, тоа значи дека долгите светла нема целосно да го осветлат горниот дел од сообраќајниот знак, а фотометриските вредности не се во согласност со американските прописи. Затоа Rolls-Royce ќе ги замени светлата на предметните автомобили пред вистинската испорака на возилото.

За крај, треба да се спомене дека почетната цена на овој модел во САД е околу 460.000 долари.