Главниот извршен директор на „Samsung Electronics“, Квон Ох-хиун разно изутринава поднесе оставка. Квон (64), освен извршен директор на Samsung, беше и потпретседател на корејскиот конгломерат, кој во изминатите неколку квартали забележа исклучителни резултати и рекорден профит. Сепак, во својата оставка, тој напиша дека компанијата ја напушта соочен со „криза без преседан, како од надвор, така и внатре“.

Samsung, и покрај добрите деловни резултати, е погоден од голем корупциски скандал. Имено, Џеј Ли, првиот човек на компанијата и веројатен наследник на долгогодишниот сопственик, Ли Кун-хеа издржува петгодишна затворска казна за трговија со влијание. По неговото заминување, се очекуваше дека токму Квон да го заземе неговото место.

Медиумите истакнуваат дека неговата оставка уште повеќе зачудува, со оглед на тоа дека тој беше задолжен за одделот за производство на чипови, кој има најголеми заслуги за растот на приходите и профитот на Samsung. Квон оцени дека „компанијата треба да почне од почеток, со нов дух и младо раководство, со цел подобро да одговори на предизвиците кои доаѓаат од брзоменувачката ИТ индустрија“.

– За среќа, сега бележиме рекордна заработувачка, но тоа е плод на минати одлуки и вложувања. Сега не сме ни близу до тоа да пронајдеме нови генератори, читајќи ги идните трендови, наведе Квон во оставката.

Квон ќе замине од Samsung  во март 2018 година, по 32 години минати во оваа фирма.