Во писмо до Обединетите нации, лидерите во областа на истражувањето на вештачката интелигенција (АИ), вклучувајќи го и милијардерот Илон Маск, ја предупредуваат меѓународната заедница на нова револуција. Во писмото се истакнува дека „смртоносната автономна“ технологија е „Пандорина кутија“ и се додава дека е клучно да се реагира што побрзо, пренесува Би-би-си.
Вкупно 116 експерти повикуваат на забрана за употребата на вештачката интелигенција во управувањето со вооружувањето.
„Кога ќе се развијат, ќе овозможат оружените конфликти да се водат на многу повисоко ниво отколку досега и многу побрзо отколку што човештвото може да замисли“, се вели во писмото. Се истакнува и дека „тоа може да биде оружје на теророт кое диктаторите и терористите го употребуваат против невините народи и оружје кое може да биде хакирано и приспособено да постапува на непосакуван начин“.
Технолошките лидери предупредуваат дека „нема многу време за дејствување“, бидејќи кога „ќе се отвори Пандорината кутија, тешко ќе биде да се затвори“.
Експертите бараат она што го опишуваат како „морално погрешна“ технологија да се додаде на листата на забранети оружја со Конвенцијата за забрана на одредени видови на конвенционално оружје на ОН.
Слично писмо беше пратено и во 2015 година, кое предупредуваше на опасност од системи кои би можеле да напаѓаат мети без човечка интеракција. Значи, предупредувањето се однесувало на системи кои автономно одлучуваат за напад на одредени цели. Меѓу нив биле наведени дроновите и квадрикоптерите, кои сами би можеле да напаѓаат луѓе откако ќе се задоволат неколку дефинирани критериуми за напад.
Илон Маск минатите неколку години беше многу гласен во предупредувањата за можните опасности од вештачката интелигенција. Тој донираше милиони долари за создавање вештачка интелигенција која ќе работи во корист на човештвото, а не за негово уништување. На крај, ја основа и OpenAI, непрофитна организација со истата цел.
Конференцијата на ОН за Конвенцијата за конвенционално оружје едногласно се согласи за почеток на формална дискусија за забрана за автономно оружје. Во моментов, 19 земји членки се согласија за ставање забрана и пред да почнат разговорите. Иако состанокот беше закажан за вчера, одложен е за ноември, според „Форчун“.