Првиот човек на американската вселенска агенција НАСА, Бил Нелсон, е загрижен дека Кина би можела да ја прогласи Месечината за „своја територија“.

Познато е дека НАСА планира повторно да испрати астронаути на површината на Месечината, а тоа е и целта на Кина.

„Ние сме во вселенската трка. Вистина е дека треба да внимаваме да не стигнат до место на Месечината под маската на научни истражувања. Тоа не е надвор од доменот на можностите, тие можат да ни кажат да држете се настрана, дека тие се таму и тоа е нивната територија“, рече Нелсон.

Присуството на Кина во вселената значително се зголеми во текот на изминатите неколку години, а во 2019 година стана првата земја што почна да ја истражува темната страна на Месечината со својата сонда Chang’e-4.

Нелсон рече дека планот на Кина би можел да биде да заземе локации богати со ресурси на површината на Месечината и да се обиде да ги спречи САД и другите земји да воспостават бази на Месечината и да вршат други активности.

„Ако се сомневате во тоа, погледнете што им направија на островите Спратли“, изјави Нелсон за Politico.

Островите Спратли се спорна територија во Јужното Кинеско Море. Пекинг тврди дека архипелагот и припаѓа на Кина и го користи за складирање оружје. Се шпекулира дека структурите на островите се доволно големи за да бидат сместени фрлачи на балистички ракети.