Воведната презентација ќе се одржи на 5 јуни, а се очекуваат нови верзии на сите оперативни системи, како и нов хардвер
Apple е познат по прилично „затворената” организација на своите настани. Меѓутоа, овие денови компанијата како малку да се „отвора”, па доколку сте љубопитни што подготвуваат, имате среќа. Компанијата од Купертино само што потврди дека годинашната програмерска конференција WWDC 2017 ќе биде емитувана во живо на интернет преку официјалната веб-страница на Apple. Порано беше сугерирано дека стримот ќе биде отворен само за оние со програмерски акаунт, но разјаснето е дека секој со компатибилен уред и веб-прегледник ќе биде во можност да го следи настанот.
За оние кои сакаат да го следат преносот во живо, потребно е да имаат iOS уред или Mac компјутер со Safari браузер, но и оние кои имаат PC и го користат Windows 10 и прегледникот Edge ќе имаат можност да ја следат најавната презенација на 5. јуни.
WWDC конференцијата, што годинава ќе се одржи од 5 до 9 јуни во Сан Хозе, воглавно е фокусирана на софтвер и најавувањето на следните верзии на iOS, macOS, watchOS и tvOS, но овој пат се очекува и нов хардвер. Претходно објавивме дека се очекува претставување на Siri звучник со вграден дисплеј и 10,5-инчен iPad Pro, а најавена е надградба и на MacBook линијата.