Некои од сопствениците на новиот iPhone X почнаа да ги пријавуваат првите проблеми со уредот, тврдејќи дека на екранот од телефонот „од никаде“ им се појавува зелена линија.

Голем број корисници на Apple производите пишуваат на социјалните мрежи на форумите дека новиот уред на компанијата има големи проблеми, односно дека на голем дел од уредите се појавува зелена линија низ целиот екран која корисниците ја опишуваат како „зелена линија на смртта“.

Најголемиот проблем, според овие корисници, е фактот дека тие го плаќаат телефонот по 999 долари, а тој сепак доаѓа со фабрички проблеми.

Зелената линија не се појавува кога корисниците за првпат ќе го вклучат телефонот, но потоа спонтано се појавува по кратко време на нормална употреба. Овој проблем досега го пријавија купувачи од САД, Канада, Полска и Австралија.

Apple одлучи бесплатно да изврши замена на уредите, но дел од потрошувачите се жалат дека тој процес се одвива премногу бавно.

Кај некои од корисниците зелената линија се појавува на рабовите на веб-страниците и апликациите.

Извор: B92.net