Горилите делат 98 отсто ДНК со човекот и тие можат да добијат респираторни болести од луѓето, со смртоносни последици, покажуваат најновите истражувања.
Водечките научници минатиот месец предупредија дека Ковид-19 претставува “егзистенцијална закана” за приматите и дека, особено за планинските горили, појавата на нови високоинфективни болести би можела да биде “настан кој потенцијално би довел до изумирање”, пишува “Guardian”.
Во согласност со тоа, ренџерите во националниот парк Бвинди во Уганда, во кој живеат околу 600 горили, носат маски за лице, користат средства за дезинфекција и држат растојание од мајмуните.
Суспензијата на екотуризмот во текот на пандемијата на коронавирусот исто така значи дека главниот извор на приход за зачувување на горилите е изгубен, а постојат стравови дека некои околни заедници кои зависат од туристи, би можеле од очај да се свртат кон криволовство.
“Загрижени сме”, вели Башир Ханги, портпарол на Угандската управа за дивина, државно тело кое управува со Бвинди и 9 други национални паркови.
“Ако продолжи ова, дефинитивно ќе се смени она што го постигнавме во зачувување на горилите. Во тоа нема никаков сомнеж”, пренесува британскиот весник.
Извор: Espreso.rs