Првпат експериментална вакцина се покажала успешна и во голема мера ги заштитила мајмуните од коронавирусот, пренесува биофармацевтската компанија „Синовац биотек“. Вакцината, која користи инертни патогени агенси на вирусот, била дадена на група од осум мајмуни, кои биле вештачки заразени со вирусот три недели подоцна.
Четири макаки (вид мајмун), кои добиле голема доза од вакцината, немале никаква трага од вирусот во нивните бели дробови седум дена по инфекцијата. Другите четири мајмуни, на кои им била дадена помала доза вакцина, имале зголемување на вирусното оптоварување во организмот, но сепак успеале да одолеат на болеста. Овие резултати допрва треба да бидат проверени пред да бидат потврдени од научната заедница.
На 16 април „Синовац биотек“ почна клиничко тестирање на оваа вакцина кај луѓето. Сепак, лабораторијата одби да ги коментира за АФП овие откритија.
„Ова се првите сериозни предиклинички податоци што сум ги видел во врска со експериментална вакцина“, коментира на „Твитер“ американскиот вирусолог Флоријан Крамер. Британскиот имунолог Луси Вокер посочува дека прашањето е дали оваа заштита трае долго.
Покрај проектот на „Синовац биотек“, Пекинг одобри уште две експериментални вакцини, а американската лабораторија „Модерна“ објави дека спроведува клинички испитувања на експериментална вакцина во САД.
Фармацевтските групи и лабораториите за истражување ја водат трката во развој на третмани и вакцини за коронавирусот. Се проценува дека ќе бидат потребни најмалку 12 до 18 месеци за да се добие вакцината.
Пандемијата што избувна во декември 2019 година во Кина однесе повеќе од 190.000 животи во целиот свет, при што се заразени речиси 2,7 милиона луѓе.