Технологијата Thunderbolt е замислена како интерфејс на високи перформанси, односно висока пропусност и ниска латенција со која се заменуваат каблите
Интеловата технологија Light Peak првпат имавме можност да ја видиме на конференцијата IDF. Сега таа стигна на пазарот во фантастичното пакување на преносниците на „Епл“, MacBook Pro и најновите модели на десктоп-серијата iMac под звучното име Thunderbolt.
Технологијата Thunderbolt е замислена како интерфејс на високи перформанси, односно висока пропусност и ниска латенција со која би биле заменети поголемиот дел различни кабли што денес ги користиме на компјутерите. Иницијално е замислена да се користи во комбинација со оптичките кабли, но веќе со текот на развојот постоеја планови за префрлање бакрени прачки поради попрактичната имплементација во практика. Главната причина за тоа е напојувањето со оглед на тоа што со оптички кабел не е можно да се спроведе до уредот, но и намалувањето на трошоците.
Од друга страна, користењето на бакарот наметнува доста големи ограничувања во поглед на максималната пропусност и должината на самиот кабел. Пропусноста на еден Thunderbolt канал (во физичката имплементација наоѓаме два канала по конектор) изнесува 10 Gb/s во една насока, додека Интел со употреба на оптиката ветува десетпати повеќе во рамките на следните десет години. Соодветно на тоа, доколку стандардот заживее може да се очекува преоѓање на оптичките влакна во комбинација со жицата за напојување за да може да биде исполнет максималниот потенцијал на технологијата.
Компатибилност на ниво
Инженерите на Интел се сосема свесни дека ваквите нови стандарди не е можно да се протуркаат без компатибилноста со веќе постојните стандарди. Оттука, на пример, користењето на минидисплеј портот што денес може да се најде на модерните АМД графички картички, но и кај лаптопите на „Епл“. Овој тип конектори е дело токму на „Епл“, а бидејќи компанијата тесно соработуваше со Интел на развојот на Thunderbolt, не чуди што на крајот како физички порт е избран токму тој.
Вториот и многу побитен аспект на компатибилноста е мапирањето на DisplayPort и PCI Express протоколот на транспортниот сигнал на Thunderbolt интерфејсот. Тоа во прв ред значи дека на Thunderbolt конекторот без проблеми може да се поврзе монитор со mini-DP конектор или со некој друг дигитален конектор (DisplayPort, DVI, HDMI) по пат на соодветен адаптер.