За еднакви можности на децата и младите со попреченост во дигиталното општество
УНИЦЕФ и Фондацијата Телеком за Македонија ги повикуваат сите млади од 14 до 24 години да се приклучат на отворениот повик за креирање дигитални решенија за инклузија на деца и млади со попреченост.
Националниот повик е дел од младинскиот предизвик Generation Unlimited 2019/20 што се одвива во над 40 земји низ светот и ќе биде отворен за аплицирање до 22 ноември 2019.
Петте најдобри тимови ќе бидат наградени со финансиски средства и менторска поддршка во времетраење од 3 месеци, а двете најдобри решенија од финалето ќе влезат во светскиот избор. Овие проекти ќе имаат можност да добијат дополнителни средства во износ од 10.000 до 20.000 долари, заедно со глобална програма за инкубација од партнерите на Generation Unlimited, за нивно проширување.
Што е дигитална инклузија?
Дигитална инклузија (е-инклузија, е-вклучување) е користење на информациско-комуникациските технологии за ефективно учество на сите лица (особено децата и лицата со попреченост) во секој аспект на општествениот живот.
Што е целта на предизвикот?
Целта на младинскиот предизвик е креирање решенија кои ќе помогнат децата и младите со попреченост активно да се вклучат во образованието и во секојдневниот живот. Поконкретно, младите иноватори треба да одговорат на предизвикот: Како може дигиталната технологија да придонесе за поактивно вклучување на децата и младите со попреченост во образованието и во секојдневниот живот?
Generation Unlimited – Младински предизвик
Првиот Младински предизвик се одржа минатата година и се одвиваше во 16 земји низ светот. Победникот на нашиот национален предизвик беше награден како еден од петте глобални победници на предизвикот (заедно со тимови од Пакистан, Тајланд, Зимбабве и Судан).
Минатогодишните учесници го споделија нивното искуство за младинскиот предизвик, погледнете го видеото и дознајте повеќе на www.genunlimited.mk.
Generation Unlimited – Младинскиот предизвик на УНИЦЕФ и на Фондацијата Телеком за Македонија се реализира во соработка со СмартАп и Сојузот на извидници на Македонија.