Првиот брод на светот кој нема да биде управуван од екипаж, туку е комплетно автоматизиран, ќе заплови во 2018 година. Се очекува да биде сосема автономен до 2020 година.
„Јара Биркеланд“ е изграден во Норвешка, а за да плови ќе користи ГПС, радар, камери и сензори за да се навигира околу останатиот бродски сообраќај и да се закотви сам.
Се очекува да чини околу 25 милиони долари, што е три пати повеќе од стандарден контејнерски брод со истата големина. Но, инвеститорите велат дека без потребата од екипаж или гориво, годишните оперативни трошоци ќе бидат намалени за 90%. Пловилото ќе станува сè повеќе автономно во фази.
„Јара Биркеланд отпрвин ќе делува како пловило управувано од луѓе, а постепено во 2019 ќе станува способно за да извршува комплетно автономни операции“, објави компанијата на својата веб страница.
Бродот со капацитет за 100 контејнери е заедничка инвестиција на земјоделската компанија Јара Интернешанал, и технолошката компанија Конгсберг Групен. Го нарекуваат „Тесла на морињата“, а треба да почне да доставува ѓубриво од фабрика до пристаништето Лаврик, далечина од околу 60 километри, во 2018 година.
Директорот за производство на Јара, Петер Остбо, вели дека компанијата сака да инвестира и во поголеми бродови и да ги користи за поголеми рути, откако ќе се воспостават интернационални регулативи за безекипажни бродови.
„Можеби дури и ќе го пренесуваме нашетоѓубриво од Холандија па сè до Бразил“, вели тој.
Јара вели дека новиот брод ќе ги намали и емисиите на стакленички гасови. Компанијата планира да ги намали загадувачите на воздух, истовремено подобрувајќи ја безбедноста на патиштата, преку отстранување на 40.000 патувања со камион во населените урбани области.
„Сакаме да постигнеме нула емисии“, вели Оство. „Дури и ако некои велат дека климатските промени не се реалност, тоа е реалноста во бизнисот бидејќи чистите извори на енергија се поевтини од фосилните горива“.