Американската воена морнарица ја потврди автентичноста на видеоснимките кои покажуваат неидентификувани летачки објекти (НЛО), но во исто време соопшти дека нема сознанија за какви точно објекти станува збор, пренесува „Си-ен-ен“.
„Објектите забележани на три воени снимки се класифицирани како неидентификувани летачки објекти“, потврди портпаролот на американската морнарица Џо Градишер.
Во јуни годинава група американски сенатори, меѓу кои и потпретседателот на Разузнавачкиот одбор на Сенатот, имаа доверлива средба на која се разговараше за серија видувања на НЛО, кои официјално ги пријави американската морнарица.
Претседателот Доналд Трамп потврди дека бил информиран за извештаите на пилотите на морнарицата кои забележале неидентификувани летачки објекти.
„Имав многу кратка средба за тоа. Дали верувам дека се работи за вонземјани? Лично, не верувам“, неодамна изјави Трамп за „Еј-би-си њуз“.