Откако не беа исполнети очекувањата на Apple после пласманот на првиот паметен часовник на компанијата од Купертино, со втората генерација Apple заврши многу добра работа, и иако паметниот часовник не е популарен како iPhone или iPad, сепак, неговиот удел на пазарот е прилично голем.

Apple денес продава повеќе часовници во однос на сите традиционални швајцарски производители освен Ролекс. Паметните часовници стануваат се понапредни и во иднина ќе имаат се повеќе функции, што е дополнителна опасност за традиционалните производители кои што и натаму се скептични кога станува збор за заменување на старата добра механика со чиповите.

Покрај тоа, еден од главните проблеми за традиционалните производители на часовници е тоа што паметните часовници се поевтини, па доколку се обидат да ја симнат цената на нивно ниво, би можеле да му наштетат на својот бренд.

Проблематично е тоа што луѓето кои што беа навикнати да ги купуваат традиционалните часовници, во иднина, како што ќе напредува технологијата, можат да се одлучат да го купат на пример паметниот часовник Apple кој што ќе нуди многу повеќе опции. Во една таква ситуација, дел од производителите на часовници ќе мора да донесат одлука околу нивното прилагодување на пазарот, односно дали да започнат и тие да произведуваат паметни часовници или не.

Компанијата Fossil веќе го претстави својот паметен часовник, додека до крајот на оваа година се очекува и Swatch да го претстави својот прв паметен часовник.

Сепак, тоа што ги разликува класичните часовници од паметните часовници е фактот што за многу корисници таквите часовници се накит кој што често има емоционална вредност и можат да го носат со години, додека паметниот часовник кој што ќе го кушат оваа година, ќе мора идната да го заменат за неколку години со нов кој што ќе нуди нови „поинтересни“ функции.