Огромен напад на интернет системите ја нападна Украина, а се шири и низ целиот свет. Се работи за „Petya“, кој е можно да е втор бран на нападот „Wannacry“ кој се случи во мај.
Напади се забележани во Велика Британија, Шпанија и Индија, а функционираат на истиот начин како и „Wannacry“, кој го онеспособи Националниот здравствен систем на Обединетото Кралство.
Сајбер експертите велат дека нападот погодува големи онлајн инфраструктури во земјите каде се проширил. Нападнати се и огромни компании, како данскиот гигант Маерск и британската рекламна компанија WPP.
Некои експерти тврдат и дека нападот можеби е поголем од „Wannacry“. Тој напад беше познат по тоа што ги заклучи компјутерите низ болниците, поради што беа прекинувани операции, но погоди и големи интернационални компании.
Првичните информации велат дека се работи за координиран напад на хакери од Русија и Украина. Не е јасно како започнал, ниту како се проширил во другите држави.
Слично на „WannaCry“, „Petya“ не е нов вирус. За него се знае уште од минатата година и повеќето антивирусни програми би требало да го препознаат. Сепак постојат многу заразени компјутери, бидејќи кодот има модификации. Се уште не е јасно кои оперативни системи се погодени. Според шпекулациите во „Twitter“, „Petya“ ги користи истите слабости како „WannaCry“, но најверојатно се потпира на друг „црв“, кој го вгнездува во системот.