Денес на интернет секој може да најде сè! Корисни и интересни содржини од најразлични области, без разлика дали станува збор за едукација, забава, интеракција со други лица… Буквално сè.

Но, на интернет постојат и содржини кои се несоодветни и во голема мера можат да му наштетат на оној кој го користи. Ова, е особено важно за секој од нас, но уште поважно за децата кои уште од најраната возраст се изложени на дигиталниот свет во кој живееме.

Затоа, во светот постојат бројни програми, едукативни содржини, регулативи и насоки како децата безбедно да се вклучат и да го користат интернетот. Сепак, главната улога за безбедно користење на интернетот ја имаат самите родители и поблиското окружување на децата.

Статистиката вели дека, во земјите со висок процент на поврзаност на населението со интернет мрежи, во која би ја вброиле и Македонија (според ДЗС, 79.3 % од домаќинствата имаат пристап до интернет), децата на возраст од 8-12 години, во просек поминуваат од 5-6 часа дневно на социјалните медиуми, а висок процент – над 90% играат игри онлајн.

Технолошкиот развој галопира, виралниот свет еволуира и речиси во секоја секунда се генерираат различни содржини; техниката станува паметна; живеењето станува поедноставно. А во неа растат денешните генерации.

Во целиот овој дигитален свет, особено е важно децата навреме да се едуцираат како да ги користат придобивките кои ги носи технологијата, како да учат, како да се анимираат, како да станат понезависни и свесни за своите постапки. И како сето тоа да биде на најбезбедниот можен начин за нив.

Првата средба на децата со технологијата (во денешни услови) се уредите за комуникација – телефон, таблет, лап топ или компјутер, и се разбира, Интернетот, кои започнуваат да ги користат уште од најрана возраст (денес и дете на 2 години знае како да пристапи на Јутуб и да си ја пушти омилената песна)

Но, со текот на времето, неопходно е децата да научат како безбедно да се вклучат во Интернетот. Подолу се неколку практични совети за родителите, а кои ќе придонесат навреме да се почне со едукација за заштитата на децата:

1.Најнапред, едуцирајте се Вие за Интернетот и уредите преку кои се пристапува на Интернет

2.Во заеднички договор, ограничете го времето за користење на уредите преку кои се пристапува на интернет

3.Поставете го уредот со кој се пристапува на Интернет во централниот дел од собата, за повремено и Вие да можете да надгледувате што прави Вашето дете

4.Разговарајте отворено за Интернетот, кои се придобивките, а кои се ризиците со кои може детето да се соочи доколку самостојно работи на Интернет

5.Заштитете го Вашиот компјутер, паметен телефон или таблет со соодветни програми и инсталирајте програми или користете онлајн алатки за филтрирање на несоодветните Интернет страници

6.Избегнувајте да ги оставате податоците од Вашите банкарски сметки на уредот кој го користи Вашето дете

7.Креирајте табови со страниците кои Вашето дете најмногу ги посетува. Така, ќе бидете и Вие сигурни дека можноста да „залута“ на друга слична страница на пребарувачите се минимални

8.Поучете го дека однесувањето во секојдневниот живот треба да се почитува и на Интернет, особено во комуникацијата на социјалните мрежи и канали

9. Претставете што значат личните податоци и зошто е важно никогаш да не ги открива на Интернет

10. Советувајте го како да креира комплицирани, но за него познати лозинки

11.Дајте му на знаење дека сè што објавува на Интернет, останува засекогаш таму и нема враќање назад

12. Постојано охрабрувајте го да разговара со Вас во ситуации кога не е сигурно како да постапи, направило грешка или се соочуваа со некакви проблеми

13. Укажете му дека разговорот со непознати на Интернет е подеднакво недозволив како и разговорот со непознат и во секојдневното живеење

14. Помогнете му да ги изгради своите бази на пријатели на социјалните медиуми и редовно потсетувајте го дека тие треба да бидат составени исклучиво од лица што ги знае

15.Паметните уреди се создадени да го направат животот поедноставен. Доколку поседувате паметен ТВ приемник, пуштајте You Tube на него. Така сте сигурни дека: Детето не гледа содржини кои се несоодветни за него, а притоа се наоѓа на доволна оддалеченост од неговите очи

16.Преку игра најмногу се учи – настојувајте едукативните игри или игрите за стекнување на вештини да бидат единствените игри кои ги игра вашето дете на мобилниот телефон или таблетот

17.Бидете им пример на Вашите деца. Практикувајте го она на што вие ги учите.

18.Зборувајте со родителите на децата со кои Вашето дете се дружи и обидете се да ги изедначите различните ставови кои можеби ги имате. Сепак, Вашето дете е во постојан контакт со нив и често ги разменува своите искуства

19.Потенцирајте му дека апсолутно е забрането да се биде вулгарен или пак да се навредува некој. Објаснете им што е cyber-bulling и колку тоа може да повреди некој

20.Користете прирачници и едуцирајте ги вашите деца преку практични примери како да се заштитат себеси и своите лични податоци. Како одличен прирачник – брошура преку кој ќе можете да заеднички со вашето дете да ги поминете основите на интернетот и советите за заштита на личните податоци, може да ви послужи брошурата “Интернетот не е само игра….кликај безбедно”, изработена за едукативната програма на Вип.

Брошурата е достапна овде.