На приватниот универзитет Brigham Young University во американската сојузна држава Јута настана King Louie – робот на надувување кој би требало да се користи во вселенските мисии. Проектот го финансирала американската вселенска агенција NASA.
Роботите како него се изработени од посебни флексибилни комори кои можат да се надувуваат и така да ги поместуваат деловите на “телото”. Основната предност на роботите за надувување е што се меки, па со самото тоа и сигурни за работа во посебни опкружаувања – како во вселенски услови, така и во близина на луѓето. Овој прототип на робот е речиси безопасен, не може да повреди човек или да скрши било каква скапоцена опрема, а сепак може да се користи за разни цели, од фабрики, преку болници, градинки или старечки домови.
Инженерите кои ја програмирале електрониката и ги осмислиле воздушните комори кои ги движат рацете на овој робот, велат дека на ум пред се имале примена на вакви решенија во вселената. Но, со време им станало јасно дека меките роботи на надувување можат да се применат во речиси сите ситуации каде роботите мораат да соработуваат со луѓето и да бидат во нивна близина.
Освен што е подвижен и способен за разни задачи, King Louie е и многу компактен – кога во целост ќе се издише, можно е да се состави во многу мал простор и така лесно да се транспортира. Засега се работи само за прототип, врз основа на кој и натаму ќе се врши истражување и развој на оваа технологија.