Либански нуркачи во близина на античкиот феникиски град Тир, пронајдоа 11 потонати бродови на длабочина од 35 метри. Се верува дека бродовите биле дел од флотата на Александар Македонски. Шефот на друштвото на професионални нуркачи, Мохамед Саруџи, рекол дека бродовите потонале поради невреме.

„Ова се случило за време на опсадата на Тир, која ја извел Александар Македонски во 332 п.н.е.“, рекол Саруџи.

Освојувањето на градот Тир е една од најголемите победи на Александар Македонски. Тој наредил да се изгради вештачка брана, а бродовите биле оставени до ѕидовите на тврдината. За време на седуммесечната опсада загинале околу 400 Македонци и повеќе од 9000 Тиријци.

„Потонатите бродови најверојатно биле користени при изградбата на браната. Тие биле уништени на брегот од силни бранови“, открил Саруџи.

Сепак во одделот за антиквитети и музеи од Јужен Либан велат дека за сега нема цврсти докази за ваквото тврдење на нуркачите.