Раните и неофицијални информации за новиот уред на корејскиот производител предвидуваат дека Samsung оваа година планира да им конкурира на Apple и Huawei со храбар минималистички дизајн.
Јужнокорејскиот портал ETNews неодамна објави интересна вест врзана за новата генерација на популарниот телефон од Samsung. Според наводите, Galaxy Note 10 можеби сите надворешни копчиња ќе ги замени со капацитативни сензори. Со други зборови, наместо притискање на копчиња на работ на уредот, корисниците ќе притискаат дел од куќиштето за да го засилат или намалат звукот, да го активираат Bixby итн.
Приказната не застанува таму – ETNews тврди дека Samsung слична работа планира да направи и на поевтините уреди како оние од Galaxy A серијата. Значи ли ова дека сите телефони во иднина ќе пристигнуваат без видливи копчиња? Зависи од тоа дали ова ќе стане тренд.
Да потсетиме, корејскиот технолошки џин не е првата компанија која си играла со концептот на телефон без копчиња. Футуристичкиот Meizu Zero најавен на почетокот на 2019. година, исто така, е дизајниран без копчиња, влезови за полнење или приклучок за слушалки. Сепак, никој не знае кога овој футуристички уред ќе пристигне на пазарот, иако потврдува дека идејата на Samsung за минималистички Note 10, можеби и држи вода.