Минатиот месец се појавија првите CAD рендери на OnePlus 7 смартфонот, кои го открија дизајнот на уредот, а сега имаме рендери на заштитната маска за годинашниот премиум смартфон на кинеската компанија.

Овие рендери од футролата покажуваат дека OnePlus 7 ќе има систем со три камери на задната страна, како и pop-up селфи камера во врвот. Како резултат на овој дизајн, телефонот ќе пристигне со дисплеј без засек и минимални рамки од страна. Долната рамка е нешто поширока од останатите, но и натаму е исклучително тенка.

OnePlus 7 од левата страна на рамката има копче за звук, додека копчето за вклучување и слајдерот за известувања се сместени од десната страна. Слотот за SIM картички е поместен во дното на уредот, каде се наоѓа и USB-C портот, примарниот микрофон и слушалката. Телефонот нема да има приклучок за слушалки, но ова не е толкаво изненадување, со оглед на тоа дека го немаше ни OnePlus 6T.

Видливо е и дека на задната страна нема сензори за отпечатоци од прсти, што значи дека OnePlus 7 ќе го имплементира ова биометриско сигурносно решение под дисплејот. Повеќе рендери од теелфонот се достапни тука.