Кинескиот технолошки гигант Huawei отвори центар за сајбер-безбедност и транспарентност во белгискиот главен град Брисел во обид да ги убеди Европејците дека нивните производи не претставуваат ризик за безбедноста и покрај таквите тврдења од САД.
Во вторникот извршните директори на кинеската компанија го отворија Центарот за европска сајбер-безбедноста на Huawei, кој ќе им овозможи на европските корисници на Huawei да го прегледаат изворниот код што се користи во производите на фирмата.
Овој потег доаѓа во време кога компанијата се обидува да ги освои Европејците, кои сега се соочуваат со интензивен притисок од САД бидејќи ги поттикнуваат да го спречат кинескиот технолошки гигант да ги развива нивните национални телекомуникациски мрежи.
„И довербата и недовербата треба да се базираат на факти, а не на чувства, шпекулации или на неосновани гласишта”, изјави Кен Ху, заменик-претседател на „Хуавеј“.
Неговите зборови беа сфатени како прекор кон Вашингтон, кој досега немаше цврсти докази за да ги потврди своите тврдења оти опремата на „Хуавеј“ може да биде употребена од Пекинг за шпионирање на другите нации.
„Кинеската влада нема намера и никогаш не побарала од ниту една компанија, од ниту една кинеска компанија да инсталира ‘задна врата’ или да собира податоци и да ги испраќа во Кина”, рече претседателот на „Хуавеј“ за Западна Европа, Винсент Панг.
И покрај напорите на САД, Европа остана најголем пазар на „Хуавеј“ надвор од Кина, а компанијата се надева дека ќе има главна улога во развојот на 5G-мрежите на континентот.
Центарот во Брисел не е прв таков центар отворен од „Хуавеј“ во Европа. Претходно, кинескиот гигант воспостави сличен центар во Бон, Германија. Компанијата, исто така, финансира и владина британска локација за тестирање, Центарот за процена на сајбер-безбедност на „Хуавеј“ , кој постои од 2010 година. „Хуавеј“ понуди да формира сличен центар и во Полска, по апсењето на Кинез вработен во „Хуавеј“ таму за шпионажа на почетокот од 2019 година.