Нема големи промени на годинашнава листа на „Форбс“ со најбогатите луѓе во светот. Основачот на „Амазон“, Џеф Безос, сè уште е на првото место, пред Бил Гејтс и Ворен Бафет. Марк Цукерберг падна три места подолу на листата, а Мајкл Блумберг скокна за две места.

Според листата што ја објави денеска „Форбс“, богатството на 55-годишниот Безос се зголемило 19 милијарди долари само последнава година и достигна до 131 милијарда долари. Безос во последно време често беше цел на таблоидите поради најавите за развод.

Богатството на 63-годишниот Бил Гејтс, кооосновачот на „Мајкрософт“, малку поскромно порасна и достигна до 96,5 милијарди долари во споредба со 90 милијарди долари минатата година.

Трет на листата на најбогатите е 88-годишниот Ворен Бафет, чие богатство се намали 1,5 милијарда долари, на 82,5 милијарди долари.

14 Американци се меѓу првите 20 милијардери. Франција има двајца претставници – Бернар Арно и Франсоаз Бетанкур Мејер, наследничката на „Лореал“, која е на 15. место и единствената жена меѓу најбогатите.