СмартАп – Лабораторијата за социјални иновации во соработка со УНИЦЕФ и Министерството за труд и социјална политика, ги покануваат сите родители, наставници и воспитувачи да се вклучат во тестирање на квалитетот, соджината и корисничкото искуство на неколку веб решенија(веб-страна) за образование во текот на месеците февруари – март 2019.
Целта е да се добие повратен одговор за веб-решенијата кои подоцна ќе дадат инпут за креирање на една севкупна национална веб платформа за образование која ќе помогне во подобрување на квалитетот на наставата, учењето и процесот на воспитување преку обезбедување на еднаков пристап до информации на наставниците, воспитувачите и родителите.
Задачата на секој од заинтересираните тестатори ќе биде да ги следи и исполнува задачите кои софтверот ќе му/ѝ ги задава при користење на веб-страната. При тестирањето, секој тестатор ќе добие поддршка од лице задолжено за набљудување и поддршка на процесот.
Веб-решенијата кои ќе се тестираат се моментално изработени само на македонски јазик, додека пак финалната веб-страница односно националната платформа за образование ќе биде достапна на македонски и албански јазик.
„Сакаме да напоменеме дека за ваквата активност не е предвиден финансиски надоместок за вклучените лица. Длабоко веруваме дека во заедничката цел кон креирање на подобар образовен систем ќе наидеме на лица кои ќе одвојат дел од своето слободно време и ќе ја поддржат оваа иницијатива“, нагласуваат од СмартАп.
Краен рок за пријавување е 18 февруари, на следниот ЛИНК.
Профил на кандидати кои се бараат:
- Лица на возраст од 24 – 40 години, кои имаат деца на возраст од 0 до 10 години
- Лица на возраст од 41 – 70 години, работат или се грижат за деца на возраст од 0 до 10 години
- Воспитувачи во предучилишно образование
- Одделенски наставници
- Логопеди и дефектолози кои работат со деца од предучилишна или училишна возраст (од прво до трето одделение)
- Деца на возраст од 4 – 8 години (со присуство на родител)
*Сите профили на кандидати потребно е да имаат основни познавања за работа со компјутер.
Зошто да се пријавите?
- Да влијаете на крајното решение со вашето мислење и сугестии
- Бидејќи ни значи вашето мислење и сакаме да сте дел од корисниците кои први ќе ги пробаат тест решенијата
- Сакаме крајниот производ да биде ко-дизајниран заедно со вас, корисниците
- Бидејќи ни е важно да имаме разнолико мислење
- Можност да пробате и научите нешто ново и да се запознаете со методологијата на дизајнерско размислување по која работи проектот
Селекцијата на кандидатите ќе се врши врз принципот еднаква застапеност на сите профили на кандидати.
Тестирањата ќе се спроведуваат во неколку временски интервали во текот на месеците февруари – март 2019 година, во период од две недели:
- 21.02.2019 – 28.02.2019 (прво ,тестирање)
- 11.03.2019 – 15.03.2019 (второ тестирање)
Планирано е секое тестирање да трае максимум 45 мин.
Примените кандидати ќе бидат известени минимум 5 дена пред спроведувањето на тестирањето.
Дополнителни информации може да се побараат на мејлот [email protected], со назнака „Повик за тестатори“.