Едноставна анализа на крвта може да предвиди дали пациентот ќе развие Алцхајмерова болест до 16 години пред да почнат симптомите, открива нова студија.
Според мерењето на промените во нивото на протеини во крвта, наречено неврофиламентен лесен синџир (NfL), истражувачите веруваат дека секое зголемување на нивото на протеините може да биде ран знак на болеста, според студијата објавена во понеделникот во списанието „Нејчр медицин“.
NfL е „маркер во крвта што укажува на губење на нервните клетки во мозокот”, објасни водечкиот истражувач Матијас Џукер, професор по клеточна биологија на невролошките болести во Германскиот центар за невродегенеративни заболувања. „Колку повеќе неврофиламент имате во крвта, толку повеќе имате оштетување на мозокот”, рече тој.
Сè уште нема ефективен третман за Алцхајмерова болест, но Џукер смета дека новиот тест за крвта ќе биде „многу важен за клиничките студии”. Тој се надева дека тестот ќе им овозможи на истражувачите да ја следат ефективноста на новите третмани пред луѓето да почувствуваат симптоми, мерејќи како влијае на нивото на протеините.
„Алцхајмеровата болест започнува најмалку една деценија, можеби дури и 20 години, пред да имаме какви било симптоми”, рече Џукер, кој исто така е директор на одборот на Институтот „Херти“ за клинички истражувања на мозокот на Универзитетот во Тибинген.
Во моментов не постои тест што лекарите можат да го користат за да утврдат дали некој ќе добие Алцхајмерова болест и има многу непознати причини за тоа.
Во Велика Британија има 850.000 луѓе кои живеат со деменција, Алцхајмеровата болест е најчестиот вид на оваа состојба, според Друштвото на Алцхајмеровата болест во Велика Британија. Според американските центри за контрола на болести и превенција, дури 5 милиони Американци имаат Алцхајмерова болест.