„Мајкрософт“ годинава отпушти повеќе од 15.000 луѓе, од кои 9.000 само во јули, што е речиси 7 отсто од вкупната глобална работна сила – и покрај тоа што забележа квартален профит зголемен за речиси 25 проценти и пазарна вредност што ја надмина границата од 4 трилиони долари.
Извршниот директор Сатја Надела вели дека „Мајкрософт“ напредува одлично, но паралелниот бран отпуштања отвора прашања за иднината на работата во ерата на вештачката интелигенција (ВИ), пишува „Фајненшлл тајмс“.
Според анализата на уредничката Анјли Равал, улогата на ВИ во корпоративното реструктурирање станува сѐ поочигледна. Компаниите веќе не се задоволуваат со тоа да прават повеќе со помалку луѓе – сега се подготвуваат за период во кој за голем дел од работните позиции, едноставно, повеќе нема да има потреба.
ВИ е сѐ поприсутна, а работните места исчезнуваат
Иако деловните лидери тврдат дека ВИ ги редизајнира работните места, бројките говорат поинаку. „Интел“ и БТ, меѓу другите, објавија илјадници отпуштања директно поврзани со вештачката интелигенција. „Мајкрософт“, иако тоа не го наведува експлицитно, истовремено отпушта илјадници вработени додека бележи рекордна добивка. Порано отпуштањата се претставуваа како неопходно зло, но денес директорите ги претставуваат како знак на напредок, наведува „Фајненшл тајмс“.
Во технолошката индустрија приходот од вработен стана престижна мерка. Американскиот стартап-акцелератор „Ј Комбинатор“, преку кој поминаа компании како „Ербиенби“ и „Дропбокс“, ја промовира идејата дека успешна фирма може да се изгради со само неколкумина вработени. Финансиските медиуми истакнуваат дека стартапите често се фалат со милионски приходи, иако имаат минимални тимови.
Алтман: Набргу компанија вредна милијарда долари со само еден вработен
Коосновачот на „Опен ВИ“, Сем Алтман, предвиде дека набргу може да се појави компанија вредна милијарда долари, управувана од само една личност. Иако тоа сѐ уште звучи футуристички, големите јазични модели, како „Чат ГПТ“, „Џемини“ и „Грок“, веќе го менуваат пазарот на трудот, особено во канцелариските работи. Многу позиции веќе се укинати бидејќи, според компаниите, „тие задачи повеќе не постојат“.
„Фајненшл тајмс“ наведува пример на голема ревизорска компанија, која со помош на ВИ го скратила времето за изработка на извештаи за 75 отсто и ослободила 3.600 часа аналитичка работа. И вработувањето програмери драстично е забавено.
Најпогодени се младите
Равал предупредува дека цели слоеви пониски позиции исчезнуваат, а со нив и традиционалните патеки за кариерен развој. Најпрвин се укинуваат почетните работни позиции и практикантствата, но полека исчезнуваат и многу места во средниот менаџмент.
„Растот на ВИ може да го ограничи закрепнувањето на вработувањето во некои административни улоги“, вели Дирк Хан, извршен директор на меѓународната агенција за вработување „Хајс“, за „Фајненшл тајмс“.
Вредноста на универзитетските дипломи станува сѐ пооспорувана, а кариерните патеки стануваат искривени и нелинеарни. Таканаречените фриленсери и краткорочните ангажмани дополнително го фрагментираат пазарот на труд, а ВИ го забрзува овој тренд.
Дали сведувањето на работната сила на минимум е навистина поотпорно?
Помал број луѓе значи пониски трошоци и побрза реализација, но и потенцијално послаба отпорност на шокови како прекини во синџирите на снабдување или заминување на стручните кадри. Равал го наведува примерот на шведската компанија „Кларна“, која отпушти илјадници вработени, но сега тестира враќање луѓе во корисничката поддршка бидејќи ВИ-системите потфрлиле при реалната интеракција со клиентите.
Технолошките претприемачи, кои промовираат фирми со минимален број вработени, потценуваат колку што деловните процеси и корпоративната култура се всушност засновани на човечки односи и интеракција. Иако ВИ навистина може да преземе рутински задачи, треба повторно да се научиме да го цениме она човечкото – креативноста, емоционалната интелигенција и сложеното расудување, пишува „Фајненшл тајмс“.
Но, тоа е можно само ако вложуваме во оние што ги носат тие квалитети и ја подготвуваме новата генерација работници, а моментно многу врати се затвораат пред воопшто да има шанса да бидат отворени, заклучува авторката.