Илон Маск го претстави Grok 4, најновиот модел од компанијат xAI, во пренос во живо, тврдејќи дека овој четбот има „неверојатна стапка на напредок“.

Новиот модел беше претставен како „најмоќниот асистент за вештачка интелигенција во светот“, а во еден момент стримот имаше повеќе од 1,5 милиони гледачи.

За време на преносот во живо со Маск, вработените разговараа за перформансите на Grok 4 на популарниот академски тест за големи јазични модели, „Последниот испит на човештвото“, кој содржи повеќе од 2.500 прашања од различни области, вклучувајќи математика, наука и лингвистика.

Компанијата изјави дека Grok 4 можел да реши околу една четвртина од прашањата базирани на текст без никакви дополнителни алатки. За споредба, во февруари, OpenAI изјави дека неговата алатка Deep Research може да реши околу 26 проценти од прашањата базирани на текст.

Маск изрази надеж дека Grok ќе може да комуницира со светот преку хуманоидни роботи.

„Очекувам Grok да открие нови, навистина корисни технологии најдоцна до следната година, а можеби и до крајот на оваа година. Може да добие физичка форма следната година. Размислете за тоа“, рече Маск криптички.

„Grok е манипулиран, се поправа“
За време на стримот, Маск призна дека „понекогаш се грижи дека вештачката интелигенција далеку ќе ја надмине човечката интелигенција“ и дека се прашува „дали тоа ќе биде лошо или добро за човештвото“.

„Мислам дека ќе биде добро. Најверојатно ќе биде добро. Сепак, донекаде се помирив со фактот дека, дури и да не е добро, барем би сакал да доживеам да го видам“, додаде Маск.

Дополнително, Маск се осврна и на неодамнешните „испади“ на четботот, имено случаите во кои, по ажурирањето, почна да зборува фалејќи го Адолф Хитлер и навредливо за Евреите.

Во врска со ова, шефот на X рече: „Grok беше премногу во согласност со барањата на корисниците. Премногу желен да угоди и да биде манипулиран, во основа. Тоа се поправа“.

Патем, среде контроверзноста околу Grok, извршната директорка на Twitter (X), Линда Јакарино, објави дека ќе ја напушти позицијата по две години, но не даде причина за нејзината одлука.