OpenAI, Oracle и SoftBank објавија партнерство за изградба на центри за податоци посветени на вештачката интелигенција (AI) со план веднаш да инвестираат 100 милијарди долари.

На настан во Белата куќа, во присуство на извршните директори на трите компании, американскиот претседател Доналд Трамп рече дека овој план е јасна декларација за доверба во потенцијалот на Америка.

Проектот наречен Stargate вклучува инвестиција од 500 милијарди долари во следните четири години, се вели во соопштението на OpenAI и SoftBank. Извршниот директор на OpenAI, Сем Алтман го опиша проектот како најважниот потфат на оваа ера и му се заблагодари на претседателот Трамп за неговата поддршка, а работата веќе е започната.

Проектот вклучува изградба на инфраструктура за вештачка интелигенција, како што се центри за податоци, кои, според Трамп, би можеле да создадат повеќе од 100.000 работни места. Првите центри се веќе во изградба во Тексас, а планирана е изградба на дополнителни локации, изјави Лари Елисон, главен технолошки директор на Oracle. Покрај нив, во проектот се вклучени и други технолошки гиганти, вклучувајќи ги Microsoft, NVIDIA и Arm.

Проектот доаѓа во време на големи инвестиции во индустријата за вештачка интелигенција, особено во специјализирани центри за податоци потребни за управување со технологии како ChatGPT. Сепак, зголемената побарувачка за овие центри предизвикува загриженост за влијанието врз снабдувањето со енергија и улогата на странските инвеститори. Мајкрософт, еден од главните инвеститори во OpenAI, објави дека планира да инвестира 80 милијарди долари во центри за податоци за вештачка интелигенција оваа година. Амазон исто така најави слични проекти, секој вреден 10 милијарди долари.

Според извештајот на McKinsey, глобалната побарувачка за капацитет на центрите за податоци би можела тројно да се зголеми до 2030 година, растејќи меѓу 19 и 27 отсто годишно. Но, аналитичарите предупредуваат дека овој раст може да биде забавен поради проблеми како што се недостаток на енергија, земјиште и сложени процедури за лиценцирање.

Поранешниот претседател Џо Бајден воведе правила за ограничување на извозот на AI чипови во одредени земји и издаде наредби за развој на центри за податоци на владино земјиште, со акцент на употребата на чиста енергија. Ова може да стане клучно во понатамошниот развој на одржлива AI инфраструктура.