Службата за безбедност на Украина (СБУ) објави дека зад сајбер нападот врз регистрите на Министерството за правда на Украина стојат хакери поврзани со Главната дирекција на Генералштабот на руските вооружени сили (ГРУ).
На прес-конференција, вршителот на должноста шеф на Одделот за сајбер безбедност на СБУ, Владимир Карастелов, рече дека зад нападот стојат руски специјални служби, „поточно хакерски групи кои работат под покровителство на ГРУ“, пренесе Укринформ.
Карастелов нагласи дека поради специфичноста на истрагата не се во можност да ги откријат сите детали, но дека се работи на брзо санирање на настанатата штета.
Како што беше најавено претходно денеска, државните регистри на Украина го претрпеа најголемиот сајбер напад во последно време, објави вицепремиерката и министерка за европски и евроатлански интеграции на Украина, Олга Стефанишина.
Нападот се случил вчера, кога руски хакери се обиделе да ја нарушат работата на клучната државна инфраструктура, објави Укринформ. Поради нападот, работата на тие регистри беше привремено прекината.
Во најновиот развој на настаните, руското Министерство за одбрана соопшти дека руските сили извршиле групен напад со високопрецизно оружје врз украинските воени објекти, како одговор на нападот на украинската војска врз индустриски комплекс во Ростовската област.
Нападот е извршен врз неколку клучни цели, меѓу кои и контролниот центар на Службата за безбедност на Украина (СБУ), фабриката „Киев Луч“, која произведува ракетни системи „Нептун“ и крстосувачки ракети за „Вилха“, како и позиција на системот за воздушна одбрана „Патриот“.
Руското министерство потврди дека сите цели биле погодени.
Овој напад дојде како одговор на обидот на Украина да нападне фабрика во Ростовската област со ракети „Атакмс“ и „Сторм шедоу“, пренесе РИА Новости.